top of page
Search

Дали жените ја пригушуваат сопствената светлина за да не ги засенат мажите?

5 hours ago
4 min read

„Never dim your light for anyone.“

Оваа реченица ми ја кажа некој пред многу години. Не беше дел од некој голем животен разговор, ниту пак се случи во особено драматичен момент. Напротив, беше по една сосема професионална ситуација.

Имав дадено директна забелешка во врска со перформансите на друг оддел. Забелешка што, според мене, беше аргументирана и оправдана. Подоцна, размислувајќи за разговорот, се запрашав дали можеби бев премногу директна. Дали можев поинаку да го кажам истото? Дали колегата можеби се почувствувал навреден?

И тогаш го добив одговорот.

„Never dim your light for anyone.“

Не знам дали личноста што ми го кажа тоа воопшто претпоставуваше колку долго ќе ја паметам таа реченица.

Денес, многу години подоцна, повторно размислувам за неа. Но овојпат низ едно пошироко прашање.

Дали жените понекогаш свесно или несвесно ги прикриваат своите најсилни карактеристики за да не ги засенат мажите?

Низ животот научив да се борам за себе. За своите ставови, за своите идеи, за работите што сакам да ги постигнам и за можностите што сакам да ги создадам.

Се ценам себеси. Го ценам трудот што сум го вложила, знаењето што сум го стекнала, искуствата што ме изградиле и резултатите што сум ги постигнала. И немам проблем тоа отворено да го кажам.

Не прифаќам потценување, ниту ситуации во кои сметам дека мојата вредност и придонес не се препознаени.

Но истовремено, со искрено восхитување ги гледам луѓето што се трудат да создадат нешто.

Луѓето што имаат храброст да започнат, да ризикуваат, да изградат, да се соочат со неуспех и повторно да се обидат. Не е важно дали станува збор за голем бизнис, мала идеја, професионален успех или лична победа.

Имам огромна почит кон трудот и кон луѓето што создаваат вредност.

И кога можам, со задоволство помагам. Споделувам знаење, отворам врати, поврзувам луѓе, поддржувам идеи. Често и без никакво очекување за возврат.

Затоа што никогаш не сум верувала дека туѓиот успех го намалува мојот.

Токму спротивното.

И затоа ми е толку интересно кога ќе забележам дека не секој размислува на тој начин.

Зошто нечија самодоверба понекогаш се доживува како ароганција? Зошто директноста се меша со агресивност? И зошто истите карактеристики што ги препознаваме како лидерски кај еден човек можат да бидат доживеани како непријатни кај друг?

Особено кога станува збор за жени.

Сè уште постојат средини во кои амбициозниот маж се доживува како човек со визија, додека амбициозната жена мора да докажува дека не е премногу доминантна.

Маж кој цврсто стои зад својот став е одлучен. Жена која го прави истото понекогаш е „тешка за соработка“.

Секако, не секоја директност е оправдана, ниту секоја критика на женскиот настап е резултат на предрасуди. Сите имаме одговорност за начинот на кој комуницираме.

Но ме интересира нешто друго.

Дали жените понекогаш преземаат и одговорност за тоа како другите се чувствуваат во присуство на нивната сила?

Дали се воздржуваат од јасно изразување на сопствените способности? Дали ги намалуваат своите достигнувања? Дали понекогаш избираат да бидат помалку видливи за да го зачуваат нечие его, нечија самодоверба или некој однос?

И ако го прават тоа, зошто?

Мислам дека особено е важно да ја разграничиме емпатијата од самоограничувањето.

Да се запрашаш дали си бил премногу директен е знак дека си свесен за влијанието што го имаш врз другите. Да го преиспиташ начинот на комуникација не значи дека се сомневаш во сопствената вредност.

Но да се откажеш од својот став само затоа што некој друг не може да го прифати, е нешто сосема друго.

Не верувам дека треба да бидеме помалку способни за другите да се чувствуваат поспособни. Помалку успешни за другите да се чувствуваат поуспешни. Помалку самоуверени за да не ја нарушиме нечија претстава за сопствената важност.

И ова не е прашање на натпревар помеѓу мажите и жените.

Познавам мажи кои искрено се радуваат на успехот на жените, кои ги почитуваат нивните ставови, кои немаат потреба да доминираат за да се чувствуваат вредни. И токму таквите луѓе ги ценам.

Затоа што за мене силата никогаш не била во тоа да бидеш над некого.

Силата е да знаеш кој си, што можеш и што вредиш, а истовремено да имаш капацитет да ја препознаеш вредноста и кај другите.

Да можеш да кажеш „Јас сум добра во ова“, но и со исто толку искреност да кажеш „Ти си одличен во тоа што го правиш“.

Без завист. Без натпревар. Без потреба некој да биде помал.

Можеби токму затоа таа реченица од пред многу години сè уште ми се враќа.

„Never dim your light for anyone.“

Денес ја разбирам како потсетник дека не треба да се откажуваме од своите силни карактеристики за да бидеме прифатени.

Но и дека сопствената светлина не е нешто што треба да го користиме за да ги засениме другите.

Можеме да блескаме и истовремено да им помогнеме на другите да блескаат.

И можеби токму тоа е разликата помеѓу самодовербата и егото.

Самодовербата не се плаши од туѓата сила.

Егото понекогаш се плаши.

Па, ќе завршам со прашање.

Колку жени денес навистина се слободни да бидат сè што се, без да чувствуваат потреба да бидат помалку за некој друг да се чувствува повеќе?

И уште поважно, дали сме подготвени да создадеме односи и средини во кои никој нема да мора да ја пригушува сопствената светлина?

 
 
 

Comments


bottom of page